Пристапница
ДПС: Насилството врз кандидат за советник во Виница е напад врз демократијата и правото на слободно политичко учество

Движењето за права и слободи (ДПС)  кој е дел од Коалицијата за зелена иднина најостро го осудува бруталниот напад врз кандидат за советник во Општина Виница. Особено загрижува фактот што жртвата е припадник на ромската заедница, која со години се соочува со предизвици поврзани со дискриминација, исклученост и нееднаков третман.

Во период кога се води изборна кампања, секој обид за заплашување или насилство врз кандидат претставува сериозен удар врз демократскиот процес и врз правото на секој граѓанин слободно да учествува во политичкиот живот. Ваквите инциденти не смеат да станат средство за политичка пресметка или заплашување.

Дополнително загрижува отсуството на јасна и недвосмислена реакција од поголем дел од политичките чинители. Молкот во вакви ситуации испраќа погрешна порака дека насилството може да биде релативизирано или игнорирано кога не одговара на нечии политички интереси. Таквиот пристап ја поткопува довербата на граѓаните во изборниот процес и во институциите.

За ДПС, заштитата на човековите права, еднаквоста и достоинството на секој човек претставуваат темелни вредности од кои нема отстапување. Секој кандидат, без разлика на неговата етничка припадност, политичка определба или личен идентитет, мора да има можност својата кандидатура да ја реализира без закани, притисоци и насилство.

Ги повикуваме надлежните институции брзо, професионално и транспарентно да го расчистат случајот, да ги идентификуваат и санкционираат сторителите, а сите политички субјекти јавно и недвосмислено да го осудат секој облик на политичко насилство.

Само со доследно почитување на владеењето на правото, еднаквоста и меѓусебното почитување можеме да обезбедиме фер, демократски и безбедни локални избори за сите граѓани.