Пристапница

ПРОГРАМА

ПРОГРАМА
НА ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА
ДВИЖЕЊЕ ЗА ДЕМОКРАТИЈА, ПРАВА, СЛОБОДА (ДПС)

Демократија, права и слободи се принципи и начела чија што дејност се базира на комбинирање на политиките за општествена промена со политиките за решавање на големите културолошки, економски, мултикултурални и еколошки проблеми во национални и меѓународни рамки, а со цел креирање на праведно, фер и одржливо општество. ДПС ќе биде носител на промената со искусни и квалитетни професионалци во секоја општествена област.
Како демократска партија, ДПС секогаш ќе се залага за зголемување на човековите и демократските права во Република Северна Македонија која егзистира меѓу нациите како самостојна унитарна држава која учествува во цивилизациските текови со промоција на сопствените вредности и ги унапредува правата на граѓаните на секој можен начин.
Северна Македонија мора да биде слободно пазарно општество, со слобода на мисла и убедување, слобода на религиозно организирање и граѓанско општество. Уверувањето на членовите на ДПС е дека сегашниот Устав на Републиката тоа го гарантира. Северна Македонија како рамноправен член на нациите во светот ќе прави колку што може да ги промовира заедничките цивилизациски вредности и да ги унапредува правата на граѓаните на секој можен начин.
ДПС ќе сноси клучна улога при носење на законите и креирање на услови кои водат кон таква цел. Ова е процес кој никогаш не престанува и секогаш може да се подобри или унапреди, бидејќи правата на граѓанинот секогаш мора да напредуваат.
ДПС верува во економскиот раст, можностите и праведноста. Ќе обезбедиме напредокот да биде инклузивен и достапен за сите. Нема да се потпираме на економија која ги ослободува од данок богатите бизниси, туку ДПС ќе има активна улога во власта, инвестирајќи во човечки капитал и зголемување на акциите на физичкиот капитал на нацијата. Имајќи го предвид порастот на нееднаквоста низ целиот свет и посебно негативниот тренд, ќе спроведеме политика за намалување на нееднаквоста, така што семејствата без разлика на потеклото ќе можат да уживаат благосостојба соодветна на основните човекови права за да продолжат да придонесуваат за просперитетот на заедницата, да се почитуваат меѓу себе и да ги почитуваат основните вредности за правда, правна држава и слобода на мислата и говорот.
Создаваме нација на богати, исполнети и слободно мислечки индивидуи кои живеат во праведно општество и уживаат заштита преку законите и институциите. Наша цел е да се урнат бариерите за целосно учество на секого во економскиот и социјалниот живот, така што секој учествува во нашиот просперитет, без оглед на потеклото, социјалната класа или општествен статус.
Во нашата визија, Северна Македонија е држава каде:
1. Ги знаеме нашите различни истории, култури и традиции, ги почитуваме и развиваме, а нашиот идентитет е сигурен и заштитен (на ниво на етнички и на ниво на национален идентитет);
2. Почитувањето на индивидуата и индивидуалноста претставува принцип во делувањето и се вреднува уникатниот придонес во заедницата што го дава секоја личност;
3. Економскиот живот овозможува луѓето да ги задоволат нивните потреби во рамките на природните ограничувања и се обезбедува благосостојба од секаков аспект за сите граѓани;
4. Северна Македонија е држава која што претставува здраво и мирно место за живеење, полно со различности (во општествените односи и во природата).
Во дефинирањето на програмската рамка, ДПС ги следи следниве принципи:
1. Одржливост: Развојот на секоја заедница мора да се одвива чекор по чекор, со цел да биде одржлив и да значи благосостојба на што е можно поголем број луѓе (општествена и еколошка одржливост);
2. Економска правичност: Базичната општествена одговорност е што е можно порамноправна дистрибуција на општествените и природни ресурси (социјална рамноправност и економска правичност);
3. Самодоверба: Се стимулира политика на потпирање на сопствените сили и можности, а се избегнуваат ситуации на еднострана зависност и потчинување;
4. Професионалност: Во процесот на делување и управување се инсистира на професионалност, стручност и одговорност;
5. Партиципативност: Се стимулира партиципативноста на граѓаните во рамките на механизмите на парламентарната демократија и непосредната (референдумска) демократија, со што се избегнуваат декрети наметнати од тесна структура;
6. Менаџирање на конфликти: Конфликтите се перцепираат како неизбежен елемент, а нивното ненасилно разрешување претставува принцип на делување;
7. Флексибилност: Унификацијата по било кој основ се заменува со алтернативни и флексибилни решенија за постигнување фактичка, а не само формална еднаквост;
8. Капитал: Се создаваат услови за искористување на целокупниот интелектуален, професионален и стручен капитал со кој располага државата.
Мисија на ДПС
Да изградиме партија којашто соодветствува на модерната партиципативна демократија низ реафирмирање на основните функции на политичките партии: развој на конзистентни политики и владини програми, грижа за барањата на граѓаните, регрутирање и тренирање луѓе за јавни позиции, и мониторинг над власта.
Ова ќе го постигнеме преку:
1. Промовирање општествени промени низ институциите на демократската држава;
2. Ангажирање на стручњаци во конструктивни дискусии;
3. Спротиставување на неправедни и неодржливи практики;
4. Мобилизација на ресурси за продуцирање промена;
5. Спротиставување на политики кои исплаќаат претходно направени долгови;
6. Спречување на злоупотреба на партијата за вработување и кариерно напредување;
7. Намалување на нефункционалните бенефиции за раководните позиции.
ПОСЕБНИ ПРОГРАМСКИ ЦЕЛИ
Посебна цел 1: Човекови права и слободи
Македонија ќе биде организирана како граѓанско општество каде сите граѓани, без разлика на етничката припадност, имаат исти права и обврски. ДПС ќе донесе системски закони за човекови права, ќе изгради институции за нивна промоција и заштита, и ќе воведе критичко размислување во наставните програми.
Посебна цел 2: Владеење на правото
ДПС промовира политички прагматизам. Ќе ја намалиме партизацијата, ќе изградиме ригиден мерит-систем за вработување и напредување, ќе формираме специјализирани судови за работни спорови и дискриминација, и ќе спроведеме коренита реформа во судовите и обвинителството со стручна надворешна помош.

Посебна цел 3: Демократски односи и добро управување
ДПС ќе воведе максимална транспарентност во одлучувањето. Администрацијата ќе биде департизирана, стручна и одговорна. Ќе се поттикнува непосредната демократија (референдуми), а секоја институција ќе има јасно дефинирана мерливост на успехот.
Посебна цел 4: Економски развој базиран на права
ДПС се залага за полна вработеност и економија која ја намалува нееднаквоста. Ќе ги поддржуваме домашните мали и средни претпријатија, ќе воведеме даночен систем базиран на остварен приход, ќе инвестираме во инфраструктура, образование и иновации, и ќе ја ограничиме монополската моќ.
Посебна цел 5: Социјална сигурност и заштита
Материјалната сигурност е основно право. ДПС ќе реформира системот на социјална заштита, ќе обезбеди социјални станови во трајна сопственост на државата за оние на кои им е потребно, и ќе го елиминира ризикот од сиромаштија за ранливите групи, ставајќи ја оваа борба на ниво на апсолутен приоритет.
Посебна цел 6: Емпириски конструктивизам во надворешната политика
ДПС ќе ја професионализира дипломатската служба. Македонија ќе настапува со сопствени ставови во меѓународните односи, залагајќи се за демократски принципи („една држава – еден глас“), градење регионални партнерства на Балканот и користење на меѓународните искуства адаптирани за нашите специфичности.
Посебна цел 7: Образование за 21 век
ДПС поддржува сеопфатно, инклузивно образование. Ученикот е во центарот на процесот, а се стимулираат вештини како критичко мислење и тимска работа. Ќе се зголемат платите на наставниот кадар, а еколошката писменост ќе стане задолжителен дел од програмите на сите нивоа.
Посебна цел 8: Заштита и унапредување на животната средина
За ДПС, животната средина мора да се реанимира.
• Нула толеранција: Забрана за неоправдана сеча на шуми и легализација на дивоградби што ја загрозуваат природата.
• Циркуларна економија: Забрана за увоз на отпад и претворање на сметот во енергија со најсовремена технологија.
• Енергетика: До 2030 година, најмалку 30% од енергијата ќе потекнува од обновливи извори. Аерозагадувањето ќе се третира како здравствен и економски приоритет.
ДПС - За праведно, фер и одржливо општество.